Saturday, February 20, 2010

Љубојна "Песна за Мојата Песна" [2009]

Составот Љубојна, кој најавтентично го пренесува пулсот на македонскиот мелос, го темели творештвото не само на сопственото слегување до „изворот“, туку и длабоко навлегува во она што се нарекува современа звуковност. Станува збор за македонска музика од 21-от век, со сета нејзина страст, ентузијазам и енергија. Елегантна музика со жесток ритмички пулс. Допирајќи се до различни музички стилови, втемелена врз македонскиот бит, музиката е изговорена како универзален музички јазик, според антрополошкиот и космополитски код кој го носи во себе.

Групата страсно ја свири оваа музика во сите нејзини форми: во нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма, и ја соопштува преку пејачката експресија на Вера Милошевска. За неа велат дека е наследничка на познатите Вања Лазарова и Мирвет Беловска. Критичарите ја нарекуваат Верче – Славејче. Таа плени со својата непосредност на кафе – пејачка. Ученичка на Вања Лазарова и етнолог, поврзувајќи се со Оливер Јосифовски, контрабасист и композитор, и ја дава суштинската нијанса на музиката на Љубојна. Зад музичарите се крие богато музичко искуство и вештина предадена од мајстори на овој занает, кај некои од нив уште од најрани години како потомци на познати чалгаџии.

Љубојна стои зад повеќе театарски проекти: претстави, балет, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 групата настапува на разновидни музички и театарски фестивали во светот. 2005 го издава својот прв студиски албум „П.С.О.“, со сугестивна емоција и концептуален израз на тема: "Парите се отепувачка", според романот на Ристо Крле „Парите се отепувачка“. Вториот албум пак (2008), е снимен во живо, насловен е „Macedonia fresh“ има концертна форма и носи кадифен оркестарски, растегнат и шербетен чалгиски звук. Нивниот трет по ред албум „Песна за мојата песна“ (2009) е работен врз поезијата на Петре М. Андреевски, се појавува како нов исчекор на музичката мисла на Љубојна во однос на македонската современа музика. Музиката има радиски звук и е избалансирана низ естетиката на различни музички стилови. Сите три изданија се производ на сопствената музичка продукциска куќа Бајро закон корпорејшн.

Љубојна е кованица од два збора: љубов и бој, истовремено антагонисти и љубовници. Музиката пак, длабоко во себе европска, а со манири и влијанија од Исток, создава една мешавина од слатко – солени вкусови и префинетост од чувства што нишаат и носат во радосна тага. Заживеана и поделена на двете страни од Виа Игнација, меѓу Исток и Запад, Љубојна пее за некогаш и денес, за неповторливо оригиналниот, вистински и отсекогаш модерен бит.

Wednesday, February 3, 2010

Tuesday, February 2, 2010

Blla Blla Blla "Oversky Ballkanishe Re-form" [2005]

55 минути и 11 секунди распределени во 9 песни. Вистинска музика за вашето префинето рокенрол уво.
Главни протагонисти во оваа приказна наречена Oversky Ballkanishe Re-form се: Идриз Амети, Дејан Еврушоски, Димитар Петров и Влатко Јаневски. Покрај нив, како соработници на албумот се појавуваат и: Љупчо Ангелов, Ермал Скупи и Мимоза Ахмети.
Oversky Ballkanishe Re-form е голем и прекрасен албум, албум преполн со емоции.. и пред се албум типичен за Blla Blla Blla. Со песни низ кој постојано провејуваат надреални и волшебни звуци. Можеш со денови да се загубиш во длабочината на нивните аранжмани и со секое ново преслушување на албумот да пронајдеш нешто ново.
Албумот го отвара мистериозната Ke kujdes (druri im).. која започнува и завршува со детски џагор, а во целиот свој тек.. со својата мрачна мелодија ве остава без здив.
Целиот албум е фантастичен, но како мои фаворити сепак ќе ги издвојам.. духовитата AA dhe VD (одвај чекам да го погледам спотот), веселата Lugat и хитоидната Air-condition.
Одличен е и ремиксот на песната Wolf & Dogs од минатиот албум.. во своето ново психоделично space издание звучи уште подобро отколку што звучеше на нивниот претходен албум.
Ова е албум кој во текот на целото свое времетраење ќе владее со вашите емоции. И не се спротиставувајте, тоа е толку нормално.
Oversky Ballkanishe Re-form претставува вистинско освежување за македонската музичка сцена. Сепак, жално е тоа што поради ограниченоста на публиката во Македонија, ова ремек дело ќе го преслушаат многу малку луѓе. Ама нема врска.. Blla Blla Blla во меѓувреме ќе ја освојуваат Европа. Можеби некогаш и ние ќе научиме што е тоа добра музика? Или не?