Monday, November 23, 2009

Bei The Fish "Time to make things right" [2009]

Уникатниот македонски состав Беј д фиш (Bei the Fish) кон крајот на месец мај ќе го издаде својот нов албум насловен “Time to Make Things Right”. Следбеникот на “Look up” од 2007 година кој требаше да се појави минатата година светлината на денот ја здогледува дури овој месец преку независните издавачи и продукции ПМГ и Круг. За непланираното доцнење бендот своите фанови ги наградува со бонус албум.

“Time to Make Things Right” е првиот двоен албум на Беј д фиш на кој се сместени вкупно 28 (дваесет и осум) комплетно нови композиции снимени во текот на месеците септември и октомври 2008 година во сопственото студио Иго Ист (Ego East). Албумот содржи повеќе музички аспекти. Првиот дел е поп ориентиран со весели и певливи мелодии, но и со значителни елементи на диско од 70ите и 80ите години од минатиот век. Вториот дел претставен преку бонус албумот „Music About All About” e триесетминутно еднократно парче кое музички се движи од Жоао Жилберто [Joao Gilberto] преку Трики и Најн инч неилс [Tricky / Nine Inch Nails] па се до Ер [Air]) и е комплетно нова слика за сите оние што ги познаваат Беј д фиш. Поголемиот дел од текстовите се напишани од страна на Огнен Анастасовски, но како текстописци се јавуваат и Валентина Миновска и Благоја Бошковски-Буцко. Снимањето и миксањето го направи главната алка во бендот Огнен Анастасовски додека пак на мастерингот работеше добропознатиот македонски продуцент Горан Атанасовски - Роботек.

Во текот на првата недела на мај на www.myspace.com/beithefish слободно ќе може да се симне првиот сингл „Livin’ in a Box” којшто ќе го најави новиот двоен албум “Time to Make Things Right”. Обвивката за албумот е веќе во процес на изработка, а на нејзе е посветен младиот дизајнер Горан Костовски - Индог.

Покрај издавањето на албумот бендот подготвува и концертна промоција на истиот некаде во средината на месец јуни. Подготовките за концертот се веќе започнати и се очекува настанот да остави впечаток со својот бински дизајн, светло, перформанс. Но, повеќе детали за самиот настан како и точниот датум за промоцијата нешто подоцна овој месец.

Инаку Беј д фиш од неодамна има и нов член во својот состав. Владимир Настевски внесува нова енергија и нови идеи во бендот свирејќи на електронски тапани. Неговиот прв настап ќе биде токму на промоцијата на албумот “Time to Make Things Right”.