Saturday, September 19, 2009

The John "Јас и Ти и Градот Наш" [2009]

Деби-албумот на групата „Д Џон“- „Ти и јас и градот наш“, кој беше промовиран неодамна, е уште едно дело излезено од творечката работилница на младиот музичар Љупа Ангелов. Групата донесе свежина во новиот музички бран, показател на тоа е добрата прифатеност од публиката. Љупа вели дека во албумот, на кој му претходеше ЕП-изданието „Ова не е диско“, може да се забележи сосема мала разлика во музиката.

- Многу е природно звукот и стилот на артистот да се менуваат со годините. Ако не е така, тогаш многу лесно тој артист, бенд или можеби уметник може да застари. Откако се појави првото издание на „Д Џон“ поминаа две години и од тогаш па до денес единствените две промени во звукот од моја гледна точка се само вметнувањето на акустичната ритам-гитара и откаченото македонско пеење - вели Ангелов.Својот статус на познат гитарист го стекна во досегашната соработка со групите „Бла бла бла“, „Беј д фиш“, „ПМГ колектив“ и вели дека тие имаат влијание врз тоа што го работи со „Д Џон“.

- Секако дека мојата претходна работа со други скопски бендови се рефлектира врз нашата екипа. Почнувајќи од она препознавање од типот „го знам момчево, сум го гледал ваму со овие“, па се' до директната помош од истите луѓе со кои сме свиреле низ годините. Може дури и да се каже дека сегашниот звук на бендот е сублимат на сите искуства стекнати од работата со другарите во студио - вели Љупа кој е комплетен автор на музиката и на текстовите во „Д Џон“.
Лесно се пее рок на македонски Јазик

За разлика од постарите нумери на групата, кои беа на англиски јазик, песните на албумот имаат македонски текстови, а во фокусот е приказната за еден млад човек.

- Текстовите низ целиот албум раскажуваат од перспективата на еден млад човек кој живее во главниот град на една откачена држава и истите се прилично искрени, иако непретенциозни и кратки, сепак, мислам дека точно го објаснуваат она што треба. Нормално, најголемата инспирација за овие текстови е Скопје со сите негови позитивни и негативни страни, заедно со ликовите од скопските улици - вели Љупа.Тој истакнува дека јазичната промена на текстовите се должи на продуктивната и квалитетна македонска музика која кружи во последниот период.

- Има неколку бендови од нашиов град кои со своите песни ме убедија дека македонскиот јазик звучи многу добро ако го употребиш паметно и правилно во која било музика. Така, целиот трансфер од англиски на македонски се случи природно, без никакви патриотски чувства или убедувања - забележува Љупа.

Нова и енерги;на постава

Филип Пајдаков (бас), Георги Божиков - Жоро (тапани) и Љупа Ангелов (гитара и вокал) е сегашната постава на „Д Џон“ која од самиот почеток забележа неколку промени во составот. Според Љупа, тоа било потребно за да се дојде до вистинските луѓе со кои бендот ќе може да напредува и да егзистира.

- Досега прво ги правев песните, па го собирав бендот, така беше и во случајот по излегувањето на ЕП-изданието од 2007 година, само што тогаш имав друга поискусна ритам секција, која на крајот се покажа како неамбициозна. Сегашната постава, иако не е толку искусна, носи со себе една поинаква, природна енергија која не може да се замени ни со најголемиот виртуоз на планетава, така што ако бидеме скромни и ако си ја работиме својата работа, мислам дека успехот ќе биде неизбежен - вели тој.Членовите на „Д Џон“ засега ги собираат плодовите од албумот и позитивните критики што произлегоа од изданието.

Турнеја низ Македонија

Љупа најавува дека наесен ќе тргнат на мини-турнеја низ земјава. Дотогаш тој активно ќе работи на новиот албум на „ПМГ колектив“, како и на музика на филмот „Љубоф е со в“ на Бојан Зафировски, кој би требало да се снима кон крајот на летото. На овој проект работи со Огнен Анастасовски, Сашко Костов и Роботек.

2 comments:

Admin said...

листа на песни:
1. 140 bpm
2. Само 1 поглед мал
3. Ние сме од Скопје
4. Ова не е Диско
5. Ти и Јас и Градот Наш
6. Лек
7. Твој личен DJ
8. 2 дена ОК
9. Крај
10. Твој личен DJ (ремикс)

Admin said...

симни од mediafire:
http://www.mediafire.com/download.php?jmnwo5vdjhj

формат: mp3
квалитет: 128 kbps