Saturday, September 18, 2010

String Forces "Reductio ad Absurdum" (2009)

Моето скромно размислување вели дека големината на еден бенд лежи во храброста на истиот. Нема сомнеж дека и иновативноста е еден од битните фактори при некоја таква категоризација, но пресуден дефинитивно не е. String Forces се еден од ретките храбри бендови кои гравитираат на македонската музичка сцена. Нивниот звук постојано еволуира, за на своето (сега веќе) претпоследно издание Silky Way да постигнат нешто што можеме да го наречеме речиси совршен звук. Сепак, тоа не значеше дека тие ќе ги искористат истите скици и со мало дошминкување ќе се обидат да ни ги продадат како уште еден албум. Reductio ad Absurdum е нешто сосема ново и различно. Би рекол, храбро различно. Како што е храбар и овој бенд. И да се вратам на првата реченица.. да, тука лежи големината на String Forces.

Со десетте композиции кои ги нуди, Reductio ad Absurdum е уште еден чекор напред во нивната кариера. Но тоа е податок кој не би требал да ги изненади сите оние кои го следат бендот од неговите почетоци. Радикалните промени и квалитативниот напредок во звукот се постојано присутни низ нивните досегашни албуми, па таков е случајот и овој пат.
Предводени од звучниот генијалец Дориан Јовановиќ и неговите современи размислувања кои се во рамките на модерните музички текови, String Forces ни испорачаа уште едно ремек-дело. За аудио сликата на нивното последно студиско издание беа задолжени: Александра Мангаровска - Миличевиќ, Александра Кузман, Лазар Дарковски и нормално, Дориан Јовановиќ. Не смее да не бидат споменати Александар Стојанов, Паскал Краповски и Бошко Мангаровски кои истотака вложија дел од себе во креирањето на Reductio ad Absurdum. За разлика од претходните албуми, овој пат бендот воопшто не користи електрична гитара или бас, туку главен акцент е ставен на стикот кој и дава препознатливост на нивната музика. Иста таква препознатливост каква што има ангелскиот глас на Александра.
Повторно, и овој албум на String Forces нуди уште една незаборавна приказна. Магична приказна која има моќ да ве проголта и да ве води низ познати и непознати звучни пејсажи. Песните се движат на релација помеѓу разиграни поп песни, преку мрачни амбиентални предели до жестоки дисторзирани парчиња.


photo © www.myspace.com/theforceofstrings

Електрониката и психоделичниот звук повторно се носечки елементи на нивната мелодија. Ниту овој пат не е отфрлен традиционалниот звук, тој провејува речиси низ целиот албум. Но тоа не е онакво безобразно копирање на звучниот код на нашата земја на кое веќе сме навикнати. Начин кој го практикуваат голем број на музичари и начин на кој тие многу лесно ги здебелуваат своите банкарски сметки. String Forces тоа го прават префинето и на софистициран начин, со тоа сакајќи само да дадат до знаење од каде е нивното потекло.
Концепциски поразличен од трите претходници, Reductio ad Absurdum е најзрелото остварување на String Forces во нивното долгогодишно опстојување на сцената. Љубопитен сум што ли ќе донесе нивниот следен албум. Сигурен сум дека овој бенд ќе продолжи со експериментирање, надградувајќи го својот веќе перфектен звук, бидејќи тоа е единствениот начин на кој тие знаат да функционираат. Или како што кажа Дориан во своето интервју за Плагијат: Како и за било кој претходен албум, единствена цел ни е да направиме нешто што до сега не сме го направиле. Тоа е предизвикот и тоа ни го подгрева ентузијазмот.
Иако тие "нај" категоризации не им значат, ја ќе го повторам моето мислење. String Forces спаѓаат во онаа мала група на бендови кои со гордост можеме да им ги презентираме на нашите пријатели во странство. Ви благодарам што ми го олеснивте изборот на музички подарок при моето следно патување надвор од земјава.

plagij.at

2 comments:

Admin said...

Артист: String Forces
Албум: Reductio ad Absurdum
Датум на објава: 27 ноември 2009
Продуцент: String Forces
Издавач: Profundus

Tracklist:
1. What Has Come to Be
2. Custodis
3. Reflection Chamber
4. Dantalion
5. Wish
6. Embrace
7. Grieve
8. One
9. Septem Loci
10. The Power Circle

Admin said...

Превземи:
http://rapidshare.com/files/412534421/sf-raa-www.lastexitmk.blogspot.com.zip

Лозинка:
www.lastexitmk.blogspot.com