Saturday, February 20, 2010

Љубојна "Песна за Мојата Песна" [2009]

Составот Љубојна, кој најавтентично го пренесува пулсот на македонскиот мелос, го темели творештвото не само на сопственото слегување до „изворот“, туку и длабоко навлегува во она што се нарекува современа звуковност. Станува збор за македонска музика од 21-от век, со сета нејзина страст, ентузијазам и енергија. Елегантна музика со жесток ритмички пулс. Допирајќи се до различни музички стилови, втемелена врз македонскиот бит, музиката е изговорена како универзален музички јазик, според антрополошкиот и космополитски код кој го носи во себе.

Групата страсно ја свири оваа музика во сите нејзини форми: во нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма, и ја соопштува преку пејачката експресија на Вера Милошевска. За неа велат дека е наследничка на познатите Вања Лазарова и Мирвет Беловска. Критичарите ја нарекуваат Верче – Славејче. Таа плени со својата непосредност на кафе – пејачка. Ученичка на Вања Лазарова и етнолог, поврзувајќи се со Оливер Јосифовски, контрабасист и композитор, и ја дава суштинската нијанса на музиката на Љубојна. Зад музичарите се крие богато музичко искуство и вештина предадена од мајстори на овој занает, кај некои од нив уште од најрани години како потомци на познати чалгаџии.

Љубојна стои зад повеќе театарски проекти: претстави, балет, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 групата настапува на разновидни музички и театарски фестивали во светот. 2005 го издава својот прв студиски албум „П.С.О.“, со сугестивна емоција и концептуален израз на тема: "Парите се отепувачка", според романот на Ристо Крле „Парите се отепувачка“. Вториот албум пак (2008), е снимен во живо, насловен е „Macedonia fresh“ има концертна форма и носи кадифен оркестарски, растегнат и шербетен чалгиски звук. Нивниот трет по ред албум „Песна за мојата песна“ (2009) е работен врз поезијата на Петре М. Андреевски, се појавува како нов исчекор на музичката мисла на Љубојна во однос на македонската современа музика. Музиката има радиски звук и е избалансирана низ естетиката на различни музички стилови. Сите три изданија се производ на сопствената музичка продукциска куќа Бајро закон корпорејшн.

Љубојна е кованица од два збора: љубов и бој, истовремено антагонисти и љубовници. Музиката пак, длабоко во себе европска, а со манири и влијанија од Исток, создава една мешавина од слатко – солени вкусови и префинетост од чувства што нишаат и носат во радосна тага. Заживеана и поделена на двете страни од Виа Игнација, меѓу Исток и Запад, Љубојна пее за некогаш и денес, за неповторливо оригиналниот, вистински и отсекогаш модерен бит.

1 comment:

Admin said...

симни од mediafire:
http://www.mediafire.com/?nioz5jnyqej